Кинеското Министерство за здравство денеска соопшти дека во северноисточната провинција Џилин што се граничи со Северна Кореја се регистрирани локални трансмисии на Ковид-19 од непознато потекло.
Жариштето почнало да се шири од пограничните области кон внатрешноста на покраината, изјави претставникот на државната Национална здравствена комисија, Леи Женглонг.
Покраината, исто така, во мал дел се граничи и со Русија, но Леи не прецизира на кој дел од границата се појавило жариштето и колку случаи се регистрирани.
Овој месец Северна Кореја ги објави првите случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, прогласувајќи вонредна состојба и воведувајќи затворање.
Агенциите пренесуваат дека бројот на дневни пациенти во Џилин претходните пет дена е едноцифрен, а најголем број случаи се пријавени на места во близина на Северна Кореја.
Провинциските власти не потврдија дека во изминатиот период има зголемен број пациенти кај меѓународните патници.
Провинцијата Џилин пред неколку седмици го укина „локдаунот“ откако беше сузбиено и последното жариште на коронавирусот.
Од минатиот месец во прекин е товарниот сообраќај меѓу Кина и Северна Кореја поради Ковид-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.