Јапонија планира да го намали увозот на јаглен од Русија и да воведе дополнителни санкции, согласно мерките што против Москва ги воведоа западните сојузници.

Министерот за индустрија, Коичи Хагиуда, соопшти дека Токио планира постепено да го намалува увозот на руски јаглен, со цел целосно запирање на увозот.

Премиерот Фумио Кишида претходно најави дополнителни санкции против Москва, цитирајќи извештаи за руските воени активности во Украина и за прв пат нарекувајќи ги „воени злосторства“.

Кишида изјави дека Токио е во тесна комуникација и консултација со партнерите од Г-7 Групата за да се утврдат дополнителни санкции кон Русија.

Групата Г-7 на водечките индустриски земји ја сочинуваат Јапонија, САД, Канада, Франција, Велика Британија, Италија и Германија.

Инаку, 27-те држави-членки на Европската Унија вчера го одобрија петтиот пакет санкции против Русија, што вклучува забрана за увоз на јаглен, дрво и вотка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.