Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во четвртокот била жртва на крадец додека купувала намирници во продавница во Берлин. Во таа прилика и бил украден паричникот, иако била придружувана од личното обезбедување.

Паричникот на Меркел бил во торба која била закачена на количка за пазарење, пишува германски „Билд“, а пренесува „Политико“.

Берлинската полиција потврдила дека инцидентот се случил во четвртокот околу 11.40 часот. Како што се наведува, Меркел не повикала полиција од продавницата, туку отишла во блиската полициска станица да го пријави инцидентот. Телохранителот на поранешната канцеларка, кој ја придружувал до продавницата, не успеал да ја спречи кражбата.

Меркел, која се повлече од политиката минатиот декември, е позната по тоа што и самата купува намирници, а нејзиниот избор на производи повремено е тема во медиумите, како на пример кога беше забележана како купува неколку шишиња вино за време на првиот локдаун во Германија во 2020 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.