Израелската Влада вечерва на владина седница официјално ќе изгласа примирје со исламистичката група Хезболах со која е во војна повеќе од една година, потврди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Во обраќање до јавноста тој рече дека ова не е крај на војната, додавајќи дека нема крај на војната додека сите Израелци кои избегаа поради ракетните напади на Хезболах во изминатата година не се вратат во своите домови на северот на земјата. Тој исто така рече дека Израел сега ќе се фокусира на заканата што ја претставува Иран.
Нетанјаху го почна својот говор обраќајќи им се на жителите бегалци од северен Израел, велејќи дека е горд на нивната истрајност и издржливост. Тој рече дека благодарение на храброста на израелските одбранбени сили се постигнати големи успеси. Според него, акцијата на ИДФ ја одразува моќта на Израел на Блискиот Исток.
– Во Либан, Хезболах повеќе не е истиот, рече Нетанјаху, додавајќи дека израелската војска убила високи команданти и Насрала, поранешниот лидер на Хезболах.
Израел, исто така, уништи инфраструктура на Хезболах и „нападна клучни цели“, додаде тој. Нетанјаху истакна дека ги „гледа сите седум фронтови“ и „пошироката, поголема слика“ и оти е „решен да му донесе победа на Израел“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.