Италијанската сообраќајна полиција исклучила од сообраќај три камиони кои пренесувале тенкови „PZH 2000“, испратени во Украина, поради немање сообраќајни и возачки дозволи, како и исправен технички преглед, соопшти италијанската агенција АНСА, цитирајќи текст на неаполскиот дневен весник „Ил Матино“. Веста ги развесели странските дописници во Рим, кои шеговито коментираа: „Она што Путин не го запира, полицијата го запира, па видете!“
Врховниот штаб за одбрана на Италија реагираше, објаснувајќи дека тенковите не оделе директно во Украина, туку во Германија на вежба. Но, тој не негираше дека документите биле погрешни. И не спореше дека крајната дестинација е Украина.
Нешто попрецизни податоци покажуваат дека не биле спорни тенковите, туку транспортните возила со кои се превезувале тенковите, односно компанијата на која италијанската армија и го доверила транспортот – што говори и за степенот на професионалност во Атлантската алијанса, коментира „Јутарњи лист“.
Конвој од пет тенкови бил испратен од воената база во Персано кај Салерно во италијанската област Кампанија.
Сообраќајната полиција на Неапол ги запрела на влезот на автопатот Салерно-Касерта во Меркат Сан Северино, побарала дозволи за инспекциски надзор и утврдила дека три влечни возила и ниски камиони немаат соодветни сообраќајни дозволи, дека нивните технички прегледи биле истечени, а еден возач немал дозвола за управување со возило со посебен товар.
Полицијата вратила три тенкови во базата во Персана, каде што ќе останат додека армијата не најде возила со соодветни дозволи, а останатите два биле уредно препратени во Болоња, Австрија и Германија, од каде, според АНСА, ќе бидат распоредени на позиции во Украина.
Од Генералштабот потврдуваат дека транспортот е доверен на приватна фирма и дека полициската контрола покажала дека компанијата нема точна документација, но не објаснува како и со какви мерки на претпазливост им било доверено скапо оружје на неквалификувани превозници, и тоа во делот на Италија каде корупцијата е поопасна од руската армија, пренесува „Јутарњи лист“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.