Иран изврши ракетен напад врз Пакистан, чија цел била сунитска милитантна група на југот на земјата, што е најнов показател за бранот на насилство кој се шири на Блискиот Исток.

Пакистан соопшти дека Иран го нарушил воздушниот простор на земјата и убил две деца, неколку часа откако иранските државни медиуми објавија дека две бази на милитантната група Џаиш ал Адл во Пакистан биле цел на ракетен напад.

Портпаролот на пакистанското министерство за надворешни работи во соопштение наведе дека инцидентот може да има „сериозни последици“ и дека е „целосно неприфатлив“, пренесува „Ројтерс“.

Иран тврди дека членовите на групата Џаиш ал Адл претходно извршиле напади врз иранските безбедносни сили во пограничната област со Пакистан.

„Овие бази беа погодени и уништени со проектили и дронови“, соопштија иранските државни медиуми, без да наведат детали.

Иранскиот Nurnews, поврзан со безбедносните структури, објави дека биле нападнати базите во пакистанската провинција Балучистан, додека Исламабад не ја спомена локацијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.