Меѓу патниците во подморницата „Титан“, што исчезна за време на патувањето до потонатиот брод Титаник, бил и британскиот милијардер Хамиш Хардинг. 59-годишниот бизнисмен и истражувач, наводно е на подморницата која исчезна во Атлантскиот Океан и по која се уште трага. Хардинг соопшти дека се приклучил на најновата експедиција на Оушн Гејт на Титаник, пишува „Би-Би-Си“.

Хардинг на Фејсбук и другите социјални мрежи објави дека првото нуркање се обиделе да го извршат во неделата, на 18 јуни. Тој додаде дека на подморницата има неколку легендарни истражувачи, од кои некои направиле повеќе од 30 нуркања до Титаник од 1980-тите.

Хамиш напиша дека ова патување најверојатно ќе биде првата и единствена мисија со екипаж до Титаник оваа година поради тешките временски услови.

Тој студирал природни науки и хемиски инженеринг на Универзитетот во Кембриџ, а подоцна се здобил со дозвола за пилот. Минатата година тој беше наречен „астронаут“ поради учеството во комерцијален лет за Блу Ориџин, вселенската компанија на Џеф Безос. Тој го држи и Гинисовиот рекорд за обиколување на Земјата преку Северниот и Јужниот Пол.

Хардинг моментално е претседател на „Action Aviation“, меѓународна компанија за продажба и операции на деловна авијација со седиште во Дубаи. Во јуни минатата година, тој првпат објави дека ќе се приклучи на тимот за да ги види остатоците од Титаник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.