Украинската армија денеска извести за интензивни борби со руските сили, додека тамошната агенција за нуклеарна енергија соопшти дека последниот реактор во најголемата европска нуклеарна централа е префрлен во режим на „ладно исклучување“ поради безбедносни причини.

Канадскиот премиер Џастин Трудо пристигна во Киев во ненајавена посета, негова втора по руската инвазија во февруари минатата година, кога руските сили во текот на ноќта истрелаа проектили и беспилотни летала кон Украина, предизвикувајќи жртви и оштетувања на воениот аеродром.

Генералштабот на Украина соопшти дека „тешки битки“ се во тек, со 34 судири претходниот ден во индустрискиот исток на земјата.

Во соопштението се наведува дека руските сили „се бранат“ и напаѓаат од воздух и со артилерија во јужните украински региони Херсон и Запорожје.

Пет од шесте реактори во нуклеарната централа Запорожје, окупирани од руските сили, веќе беа во режим на „ладно исклучување“, што значи дека сите контролни шипки се вметнати во јадрото на реакторот за да се запре реакцијата на нуклеарна фисија и генерирањето топлина и притисок.

Аналитичарите и Русија велат дека Украина започнала контраофанзива во јужна Украина, со потенцијална цел да ја врати територијата во близина на централата.

Исто така утрово, украинските власти известија дека најмалку четворица цивили биле убиени низ целата земја додека руските сили лансирале беспилотни летала, ракети од иранско производство Шахид, и извршиле артилериски и минофрлачки напади.

Украинската државна служба за вонредни состојби соопшти дека три лица загинале, а повеќе од дваесетина се ранети за време на нападот во текот на ноќта врз црноморското пристаниште Одеса.

Портпаролката на оперативната команда на југот на Украина, Наталија Хуменјук, изјави дека меѓу ранетите има две деца и една бремена жена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.