Ковчегот на најдолготрајниот монарх во Обединетото Кралство го напушти својот сакан замок „Балморал“ и пристигна во Лондон. По патот, илјадници луѓе излегоа да ја гледаат последната поворка на кралицата Елизабета Втора. Нивната спонтана тага е вистинска, а исто така и болката што заврши една ера. Како што гледа светот сега, Британците емотивно ѝ се придружуваат на својата кралица, која беше константа во турбулентните времиња. Таа беше единственото нешто што не се промени од 1950-тите до денес и милиони луѓе сметаа дека таа постојаност е утеха.

Смртта на кралицата е важна не само за Британците туку и за целиот свет. Таа ја надгледуваше мирната транзиција од империја во комонвелт, ослободувајќи речиси една четвртина од Земјината топка од британската власт. Ниту една друга империја во историјата никогаш не се расформирала без граѓанска војна, инвазија или финансиски колапс.

При нејзиното раѓање, таа не беше во линијата за наследник на круната, која ја носеше братот на нејзиниот татко и се очекуваше да се пренесе кај неговите деца. Сепак, низа неверојатни настани, вклучувајќи и историска абдикација, ја поставија на тронот во 1952 година. Елизабета едноставно можеше да претседава со протоколарните настани и да ужива во нејзините замоци и ловечки домови. Но таа не го стори тоа. Кралицата стана најголемиот британски амбасадор, освојувајќи ја поддршката од африканските брегови до островите во Тихи Океан. Таа ја обезбеди постојаноста за да може да се случи промената и да ѝ се стави крај на Британската Империја на поинаков начин од оној со кој се соочија француската, холандската или шпанската империја, преку мирот, слободната трговија и продолжување (на многу места) на англискиот правен систем.

Нејзиното наследство вклучува и триумф, кој се чинеше невозможен во 1960-тите и 1970-тите, спасувајќи ја самата институција на монархија. Образованите класи, во тие денови, ја сметаа круната за средновековна реликвија и отворено дебатираа за нејзино укинување. Тие беа вчудовидени во јуни 1977 година, за време на сребрениот јубилеј на кралицата, од големите толпи и паради што беа спонтано организирани низ Британија и, што е уште поизненадувачки, низ Комонвелтот. Кралицата уживаше огромна емоционална поддршка, па така, на крајот, сите дебати за укинување на монархијата избледеа.

Британија е најстарата континуирано оперативна демократија во светот. Таа нема пишан устав, туку непроменливи правила, кои малку се менувале низ вековите. Монархијата нема извршна моќ, но суверенот ја отелотворува нацијата. Оваа симболична моќ може да влијае на реалниот свет. За време на Втората светска војна, отворената поддршка на кралот Џорџ за премиерот Винстон Черчил и неговите постојани повици за отпор против нацизмот ја обликуваа неизбришливата слика на овој храбар народ, кој сам и со години се соочуваше со варварството. Кралицата Елизабета Втора беше еднакво непоколеблива и ефикасна.

Овие непроменливи правила се засноваат на силни традиции, кои ѝ даваат значење на монархијата. Така, кога Советот на престолот го прогласува Чарлс Трети за крал на Англија, тоа е повеќе од церемонијално. Тоа е потпишување договор меѓу владетелот и поданиците. Суверенот дава заклетва за обврските, кои по традиција се негови. Тој ќе ја заштити црквата како поглавар на Англиканската заедница, светска унија на верници што е втора по големина група во христијанството. Тој ќе го одржува единството на нацијата и, пред сè, се обврзува дека ќе му служи цел живот. Нема сомнение дека Елизабета Втора сериозно ја сфати својата заклетва и нејзиното наследство се потпира на таа едноставна вистина.

Кралицата сподели многу важни лекции со светот. Елизабета Втора беше последниот шеф на државата што ги доживеа Втората светска војна и нејзините злосторства. Кога Елизабета се искачи на тронот, Советскиот Сојуз беше под власта на Јосиф Сталин, а Кина беше управувана од Мао Ѕедунг. Таа ја ценеше демократијата и ги потсети своите поданици на нејзината неспоредлива вредност.

Демократијата мора постојано да се брани. Таа е кревка и, за нејзините непријатели, често изгледа поделено, слабо и несигурно во себе. Последната и најуниверзална лекција на Елизабета Втора е дека Западот мора да го врати своето верување во себе, како што кралицата никогаш не пропушти да го стори, и во самата демократија. Демократијата е единствениот подарок на Британија за светот што вреди да се зачува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.