На жителите низ поголемиот дел од Холандија им беше кажано да останат во затворени простории бидејќи ретка летна бура го погоди холандскиот брег утринава, предизвикувајќи ветрови со брзина до 145 километри на час и сериозно нарушувајќи го воздушниот и железничкиот транспорт. Националниот метеоролошки институт издаде највисоко ниво на предупредување до жителите на провинцијата Норд-Холандија, која го опфаќа Амстердам, апелирајќи ги да останат дома и да повикаат брза помош во ситуации опасни по живот.

Бурата, наречена Поли, е најлошата досега во Холандија во текот на летните месеци и најсилната од јануари 2018 година, објави метеоролошката агенција Weeronline. Силните бури во Холандија обично се случуваат помеѓу октомври и април. Последната голема летна бура во земјата беше во 2015 година и беше прва по повеќе од еден век.

Локалната телевизија АТ5 јави дека две лица се повредени во Амстердам кога дрвја паднале врз нивните автомобили. Градскиот аеродром Шипхол, еден од најпрометните центри во Европа, откажа повеќе од 300 летови, рече портпаролот, а сообраќајот се очекува да биде ограничен најмалку до 15 часот по локално време (13 часот по Гринич).

Железничките оператори НС и Арива ги прекинаа сите услуги на северот на земјата, а автопатот северно од Амстердам беше затворен поради паднати дрвја. Невремето претпладне ќе се движи кон исток низ северот од земјава, а попладне се очекува да слабее.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.