Владејачката партија во Грузија го отфрли законот за „странски агенти“ по две ноќи насилни протести што следуваа по критиките дека нацртот е инспириран од рускиот закон и претставува авторитарна промена.
Од владејачката партија соопштија дека безусловно ќе го повлечат нацрт -законот, наведувајќи како причина и потреба за намалување на „конфронтацијата“ во општеството.
Според нацрт -законот, од грузиски организации, кои добиваат повеќе од 20 проценти од странските фондови, ќе се бара да се регистрираат како „странски агенти“ или да се соочат со парични казни.
Парламентот првично го одобри, но десетици илјади демонстранти два дена протестираа пред парламентот.
Полицијата употреби солзавец и шок бомби за да ја растера толпата. Демонстрантите пукаа со молотови коктели и со камења кон полицијата, а неколку учесници во протестите ги отстранија металните барикади пред грузискиот парламент.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека има повредени на двете страни и дека протестите биле „крајно насилни“. Приведени се десетина демонстранти.
Иницијаторите на законот тврдат дека станува збор за мека верзија на американскиот закон, додека опозицијата тврди дека предлогот на законот нема никаква врска со американскиот закон и дека тоа е аналоген закон кој е ефикасен во Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.