Поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, во настап во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, оцени дека е малку веројатно Владимир Путин да се откаже од војната, која ја гледа како одговор на понижувањето што им го нанесе Западот за време на Студената војна.

Иако војната ги ослабе руската економија и армија, поранешната хрватска претседателка смета дека Путин попрво би умрел отколку да признае пораз.

„Не е точно дека санкциите немаат ефект, имаат. Но, Путин е премногу горд за да признае пораз. Попрво би умрел“, рече таа.

Бидејќи Украина нема да отстапи ни педа од територијата, а ни Путин нема да отстапи од своите намери, Грабар-Китаровиќ смета дека војната ќе продолжи.

„Најдоброто на што можеме да се надеваме е некаков вид примирје, но прекинот на огнот нема да го спречи Путин да се обиде да ја постигне својата крајна амбиција – да ја преземе цела Украина“, заклучи Грабар-Китаровиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.