Руската рубља падна на најниско ниво во однос на еврото од март 2022 година. Според податоците на Московската берза, за прв пат од 25 март минатата година, еврото во еден момент вредеше повеќе од 107 рубљи, пренесува „Комерсант“.

Вредноста на еврото се зголеми за 0,37 отсто на 106,8 рубљи, а тоа е случај и со доларот, кој порасна за 0,14 отсто на 97,2 рубљи, додека кинескиот јуан рипна за 0,34 отсто на 13,4 рубљи. Пред два дена американскиот долар се искачи над 97 рубљи за прв пат од март минатата година.

Економските експерти тогаш посочија дека оваа динамика е последица на недоволната понуда на девизи во Русија во услови на намален извоз, како и сезонската висока побарувачка за странски валути.

Нема многу фактори кои би можеле да го сменат овој тренд, а растот на цената на нафтата може да влијае само на рускиот девизен пазар наесен, се вели во анализата.

Како што нагласува главниот аналитичар на „Промсвјазбанката“, Денис Попов, падот на надворешно-трговскиот суфицит на Русија – стабилен пад на извозот, со високиот увоз – е основниот фактор за слабеење на рубљата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.