Германскиот министер за економија Роберт Хабек, изјави дека украинската криза ќе има улога во процесот на одобрување на гасоводот „Северен тек 2“.

Хабек, кој е член на германската партија на Зелените, пред новинарите во Варшава изјави дека процесот на одобрување ќе биде строго во согласност со европското право, но оти „од друга страна, геополитичката проценка секогаш ќе има влијание врз одобрувањето на „Северен тек 2““.

Германија ја одложи сертификацијата на „Северен тек 2“ најмалку до втората половина на 2022 година, но не ја откажа постапката.

Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот порача дека ако Русија ја нападне Украина, нема да има гасовод, а германскиот канцелар Шолц, кој беше во еднодневна посета на Вашингтон во понеделникот, изјави дека САД и Германија го делат истиот став за Украина, Русија и санкциите, но јавно не го спомена гасоводот „Северен тек 2“.

Дали САД и Германија се на иста страна кога станува збор за проектот за гасоводот од 11 милијарди долари стана клучно прашање во време кога овие две големи земји ги предводат сојузниците во НАТО во спротивставувањето на рускиот претседател Владимир Путин.

Хабек ја опиша ситуацијата во Украина како „исклучително опасна“.

Мора да се направат сите дипломатски напори за да се деескалира оваа ситуација. Русија ќе се соочи со тешки санкции доколку дипломатските средства не успеат. Ова го кажувам свесен дека за секоја санкција, се разбира, цената ја плаќа домашната економија – изјави Хабек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.