Руските трупи напредуваат во Донбас така што и украинскиот претседател Зеленски признава дека ќе биде тешко воено да се вратат териториите. Кремљ наводно е подготвен на преговори, но бара укинување на дел од западните санкции.

На источниот фронт траат тешки борби за Северодоњецк, еден од последните градови во регионот Луганск кој руските трупи и сепаратисти сè уште не ги заземале. Фронтот сепак секој ден се поместува за малку на запад, што сведочи за успесите на руската стратегија.

На тоа – како и на фактот дека на украинците им недостасува тешко вооружување – укажува и Карло Масала, политиколог и воен експерт Бундесверскиот универзитет во Минхен.

„За разлика од досегашниот тек на војната, Русите повеќе не удираат по ширина на фронтот туку ги концентрираат трупите за да напредуваат на мали делови од фронтот“, рекол тој за агенцијата „dpa“. „Со тоа остваруваат бројчена предност“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата признал дека ситуацијата е комплицирана во Донбас и Харков, каде „руската армија се обидува да извлече барем некој успех“.

Зеленски отворено рекол дека не верува дека сите територии кои Русите ги заземале – вклучувајќи го и Крим – може да се вратат со воени средства. „Кога би се одлучиле за тој пат, би изгубиле стотици илјади животи“, навел тој во видео-порака.

Претседателот на Украина додал Украина ќе врати се на други начини и ја нарекол Русија терористичка држава.

По конфузниот почеток на инвазијата, делува дека руската војска е на пат да го освои цел Донбас каде постојат две самопрогласени народни републики кои Москва ги признала.

Според гледиштето на воениот експерт Масала, моментално рускиот претседател Владимир Путин не мора да се грижи бидејќи му делува дека со продолжување на војната повеќе добива отколку што губи. „Нему добро му оди. Затоа нема никаква мотивација да оди на преговори“.

Освен можеби повлекување на барем дел од западните санкции. Имено, во саботата Путин долго разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон. Двајцата побарале од него да ја сопре војната и да ги повлече руските трупи.

Според извештаите, Путин сигнализирал подготвеност за преговори. Навел дека Москва е подготвена да овозможи извоз на украинските житарки преку Црното море, каде има морски мини, што практично го блокира пристаништето во Одеса.

„Исто така, зголемувањето на обемот на извоз на руското ѓубриво и земјоделски производи би помогнало во намалувањето на тензиите на глобалниот пазар за храна“, соопштил Кремљ по телефонските разговори. Нaведено е дека тоа подразбира и укинување на соодветните санкции.

Славниот германски политиколог Херфрид Минклер се обидел да ја опише ситуацијата пред која се наоѓаат Киев и Западот. „Сега е клучно политички да се погрижат за тоа отпорот на Украинците во првите 90 дена од оваа војна да не биде залуден“.

„Бидејќи, откако владееше извесна еуфорија дека Украина би можела да ја добие војната или дури и да ги протера Русите од цела Украина, сега состојбата за Украина е многу тешка. Таа е на пат да ја изгуби војната“, рекол Минклер.

Како што додал, мировните преговори веројатно ќе одат кон тоа Украина да го изгуби цел Донбас, може и уште поголема територија. „Западот мора да ја поддржи Украина така што да остане само „остаток од држава западно од Дњепар”“, навел Минклер.

„Бидејќи ако на Путин му помине анксиозната политика на голема територија, тоа ќе биде глобална поука“, рекол политикологот. Како што објаснил, попуштањето на Путин во оваа работа би можело да води кон ера на освојувачки војни ширум светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.