Германската полиција е под удар на нови критики откако во група на социјалните мрежи на неколку полицајци од Реклингхаузен биле споделувани нацистички и порнографски симболи. Како што објави „Еуроњуз“, ова е втор ваков случај во последниве месеци.

Обвинителите во Германија откриле нелегална содржина, вклучително и нацистички симболи во пораките за разговор во кои учествувале пет полицајци од три различни полициски области.

Откритието било направено по претресите во регионот на Северна Рајна-Вестфалија.

Петмината мажи, на возраст од 22 до 25 години, се осомничени дека разменувале нацистички симболи во разговори и поседувале детска порнографија за време на нивната обука, тврди Анет Милк, главен јавен обвинител што го истражува случајот.

Тројца од обвинетите припаѓале на полицискиот штаб во Реклингхаузен, по еден на полициските власти во Клеве и Боркен.

Според Милк, тие наишле на овие разговори за време на истрагата против шестиот осомничен. Јавното обвинителство го обвини сега веќе поранешниот полицаец за размена на десничарски екстремистички симболи во разговори и поседување и дистрибуција на детска порнографија. По завршувањето на обуката, кратко време работел во полицискиот штаб.

Минатата недела биле претресени домовите на тројца полицајци.

„Обвинувањата ме шокираа. Во кривичното право, презумпцијата на невиност важи и овде. Сепак, наводите се толку сериозни што по испитувањето на секој поединечен случај, веднаш им забранив на тројцата полицајци да вршат службена дејност“, изјави Фридерике Зурхаузен, началник на полицијата на Реклингхаузен.

Полицајците овие дела ги извршиле додека биле на обука како дел од двојната диплома.

Министерот за внатрешни работи на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Реул, ги опишал полицајците дека покажале карактерни и морални недостатоци несоодветни за униформирани офицери.

„Секој што шири содржина каква што е оваа, предизвикува значителни сомнежи за соодветноста на неговиот карактер. Според тоа, четирите изречени забрани за вршење службена дејност и интерната имплементација се вистинската последица во моментов“, се вели во соопштението.

Реул инсистираше на тоа дека младите полицајци, исто како и високите членови на полициските сили, се исто толку одговорни за своите постапки.

„Младите државни службеници, како и постарите, мора да се залагаат за правдата, законот и вредностите на нашиот устав без сенка на сомнеж“, продолжи тој.

Германскиот закон експлицитно забранува јавно негирање на холокаустот и ширење нацистичка пропаганда, и на интернет и на јавни форуми. Ова вклучува споделување слики како што се свастики, носење такви униформи и давање изјави за поддршка на Хитлер.

Законот, исто така, утврдува строги насоки за тоа како компаниите за социјални мрежи мора да го ублажат говорот на омраза и да пријавуваат закани.

Неколку екстремно десничарски терористички напади во 2019 година и почетокот на 2020 година ги поттикнале германските власти да предупредат на ескалација на екстремизмот, што довело до заострување на овие закони за говор на омраза минатата година.

Ова не е прв пат германската полиција да се соочи со ваков скандал.

Според најновите информации на министерството од крајот на јули, полицијата на Северна Рајна-Вестфалија суспендирала или казнила 105 инциденти на десничарско екстремистичко однесување во последните шест години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.