Во потрагата по нов дизајн за идните банкноти на еврото, Европската централна банка (ЕЦБ) доби занимлив предлог од Европскиот парламент.

Германскиот политичар од редовите на Слободните демократи, Мориц Кернер, побара основачите на фармацевтската компанија „Бионтек“ – Угур Шахин и Озлем Туречи, да бидат на една од банкнотите. Тие двајца се изумителите на вакцината на „Фајзер/Бионтек“.

На новите банкноти треба да има важни европски личности како што е брачната двојка на основачите на „Бионтек“. Нивната работа ги спаси животите на милиони Европејци! Нивниот животен пат е импресивна приказна за интеграција, напредок, претприемништво, научна извонредност и потенцијал на отворено имиграциско општество – нагласи европарламентарецот за „Ди велт“.

Дваесет години по воведувањето на еврото, ЕЦБ почна процес на редизајн на банкнотите.

Мислењето на јавноста ќе биде важен дел во процесот, но ќе минат години пред да биде завршен редизајнот. Управниот совет на ЕЦБ, во 2024 година треба да одлучи за печатењето нови банкноти и кога тие би биле пуштени во оптек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.