Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска е во посета на Израел, петта по терористичкиот напад на милитантната исламистичка палестинска организација Хамас на 7 октомври, пренесува „Дојче веле“.

Бербок вчера (13.02) од Израел побара заштитни коридори за цивилите во Рафах. Пред заминувањето за Израел, германската министерка за надворешни аботи од милитантно исламистичкиот Хамас побара да не се барикадира зад цивилното население. „Хуманитарната ситуација во Газа секој час станува сѐ подраматична. Ако терористите на Хамас имаа трошка сочувство за палестинските жени, мажи и деца кои страдаат од борбите во Газа, веднаш би го оставиле оружјето. Наместо тоа, терористите продолжуваат да се вкопуваат зад цивилното население“.

Бербок истовремено предупреди дека Газа е пред колапс. Во Рафах, опоменува таа, на мал простор, во ужасни услови има 1,3 милиони луѓе и офанзива на израелската армија во вакви услови би довела до хуманитарна катастрофа. „Луѓето во Рафах не можат едноставно да исчезнат во воздух. Ним им се потребни безбедни места и безбедни коридори за да не влегуваат и натаму во вкрстен оган. Потребна им е хуманитарна помош. И, потребен им е прекин на огнот“, изјави Бербок.

Според нејзините најави, таа во Израел таа ќе разговара за тоа како може да се ублажат хуманитарните страдања во Газа и како истовремено да се ослободат заложниците. Во крајбрежната област итно треба да пристигне значително повеќе хуманитарна помош, за што се потребни и заштитни гаранции за организациите на ОН. Во исто време, станува збор за тоа како може да се зголеми меѓународниот притисок врз Хамас за тој конечно да го остави оружјето, соопшти Бербок. Судбината на Израелците и Палестинците се тесно испреплетени, бидејќи безбедноста на едниот значи безбедност на другиот, уверена е таа: „Ова може да функционира само со решение со две држави.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.