Германија стана мнозински акционер на најголемиот германски увозник на гас од Русија Унипер.

Концернот се соочи со финансиски проблеми поради прекинот на испораката на гас од Русија. По завршувањето на процесот на зголемување на капиталот и купувањето на акциите на Унипер од претходниот сопственик, финскиот „FORTUM“, германската држава поседува 98,5 отсто од акциите, објави поранешниот мнозински сопственик.

Министерството за економија соопшти дека државата ќе преземе, како дел од натамошниот стабилизациски пакет, вкупно 99 отсто.

Владата на тој начин создава јасна сопственичка структура за да обезбеди Унипер, но и сигурност во снабдувањето на компаниите, електраните и потрошувачите, се вели во соопштението.

За акциите на „FORTUM“ државата платила 480 милиони евра, извести министерот за економија Роберт Хабек.

Така, финскиот концерн загуби најголем дел од својата инвестиција која беше проценета на осум милијарди евра.

Германија планира да го зголеми капиталот во Унипер во износ од осум милијарди евра, со акции по цена од 1,70 евра, за целосно да се исплати „FORTUM“.

Унипер во првата половина од годинава оствари загуба од 12 милијарди евра.

Поради недостиг на руски гас, концернот мораше да купува гас на скапиот меѓународен пазар, со што акумулираше загуби.

Банката КфВ ќе му обезбеди дополнителни финансиски средства со цел да ја обезбеди ликвидноста на компанијата.

Иако се е договорено, за сите овие мерки е потребно одобрение од Европската комисија, а во четвртиот квартал годинава мерките мора да бидат одобрени и на вонредното собрание на акционерите на Унипер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.