Горниот дом на францускиот Парламент го усвои контроверзниот план за реформа на пензискиот систем, предложен од францускиот претседател Емануел Макрон. Предлогот беше усвоен во францускиот Сенат со 195 гласа „за“, додека 112 сенатори беа „против“.

Откако предлогот беше усвоен во Сенатот, за него е предвидено да се изјасни, најверојатно в среда, комисија составена од пратеници на Долниот и Горниот дом на францускиот Парламент. Во случај предлогот да биде усвоен од комисијата, се очекува дека Горниот и Долниот дом на Парламентот – Сенатот и Националното собрание – потоа, најверојатно, повторно ќе се изјаснат в четврток.

Исходот од гласањето во Националното собрание е неизвесен, имајќи предвид дека на партијата на Макрон и се потребни гласовите на сојузниците за да го усвои предлогот за пензиските реформи. Предлогот на Макрон за реформа на пензискиот систем предизвика повеќенеделни протести низ Франција. Демонстрантите вчера излегоа на нови протести низ Франција против планираните реформи.

Најголем одѕив на демонстранти е забележан во вторникот, кога според податоците на француската влада протестирале 1.280.000 луѓе.

Макрон се залага за реформа која би ја зголемила старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, нагласувајќи дека таквата одлука е од витално значење за да се избегне колапс на државниот пензиски систем.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.