Француските дипломати во Брисел одбиваат да кажат официјално дали предлогот објавен во бугарските и македонските медиуми е автентичен. Во другите земји членки на Европската унија засега сличен молк. Од друга страна, во Македонија и во Бугарија и вчера во фокусот беше францускиот предлог.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи тврди дека во земјава формално не е доставен францускиот предлог, за кој, како што вчера изјави, ќе го кажеме својот став, кога ќе дојде време за тоа. Во Бугарија, пак, претседател Румен Радев вчера оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но, според него, остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото. Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, најавува дека нема да донесе никаква одлука без таа да биде поддржана од Народното собрание.

Во текот на последните неколку дена повеќе документи беа објавени во Бугарија и Македонија, меѓу нив и новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни, би била усвоена на 23 јуни на Европскиот Совет.

Министерот Османи вчера на прес-конференција рече дека земјава ќе го каже својот став за предлогот, откако ќе ги слушне забелешките на сите земји членки.

Тоа што се случува е дека има предлог на претседателството до земјите членки, вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес, ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози, додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да го каже свој став, рече Османи.

Нашата работа е да направиме длабински анализи, рече Османи, додавајќи дека се работи професионално, без емоции и во интерес на одбрана на државните интереси.

Лесно е вие да го имате текстот и да кажете прв впечаток, наша работа е да направиме длабоки анализи за секој збор, за сите импликации кои што произлегуваат од тие зборови, за да го видиме поголемиот контекст што се случува на светско ниво, што се случува на европско. Кој е моментумот, кое е сценарио еден и кои последици би ги имало, сценарио два кои последици би ги имало. Верувајте, работиме професионално, без емоции, работиме во интерес на одбрана на државните интереси, имајќи го предвид вкупниот контекст во кој живееме, истакна Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.