Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен отпатува за Киев, каде што ќе се сретне со украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Таа е придружувана од шефот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел.
Фон дер Лајен со воз тргна од малиот јужен полски град Пжемисл, на само 13 километри од украинската граница. Воздушниот простор над Украина е затворен поради војната.
Во средината на март премиерите на Полска, Словенија и Чешка отпатуваа за Киев со воз. Минатата недела претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола го посети градот.
Претставниците на 27-те земји на ЕУ доцна синоќа дадоа поддршка за нов пакет санкции, вклучително и забрана за увоз на јаглен, дрво и вотка.
Највисоките функционери на ЕУ порачаа дека на крајот може да следи целосна забрана за увоз на фосилни горива доколку Русија продолжи со војната против Украина.
За да стапат во сила новите санкции, тие мора да бидат објавени во Службениот весник на ЕУ. Овој чекор се смета за формалност и се очекува да биде завршен денеска.
Изворите на агенцијата ДПА велат дека имало несогласување меѓу членките на ЕУ околу тоа дали ембаргото за јаглен треба да стапи во сила за три или четири месеци. На крајот, на барање на земји меѓу кои била и Германија, земјите-членки се одлучиле за четири месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.