Портпаролите во Европската Комисија денеска повторија дека Европската Унија се подготвува за сите исходи во случај на ескалација на руско-украинскиот конфликт, но вложува максимални напори за дипломатско решение, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Унија одблиску ја следи ситуацијата во и околу Украина, и паралелно продолжува да вложува дипломатски напори на сите нивоа и да се координира со партнерите во Европа и во САД за да се изнајде мирно решение за деескалација на конфликтот меѓу Русија и Украина.

САД стравува од руски напад врз Украина во наредните денови, повтори американската администрација вчера. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, телефонски разговараше со шефот на американската држава, Џо Бајден. По повикот е соопштено дека ЕУ работи на сеопфатен и солиден пакет на санкции против Русија доколку таа посегне по агресија врз Украина и доколку продолжи да ја ескалира ситуацијата, изјави портпаролката Дана Спинант.

Санкциите на ЕУ би биле од финансиска и економска природа, но не само, додаде таа, меѓутоа санкциите се доверлива тема во ЕУ и во овој момент Комисијата одбива да соопшти било какви детали за разговорите на оваа тема со јавноста.

Европската Унија уверува исто така дека се подготвува за сите можни сценарија во случај на ескалација или војна: во однос на енергијата, бегалците од Украина, или пак економските последици.

Работиме на подготвеност во широка смисла на зборот, од сите аспекти, доколку ситуацијата ескалира дополнително, бегалците и мигрантите се еден од тие аспекти, но не можеме да споделиме ништо специфично освен дека ќе биде подготвени за ова и било што друго, работиме со земјите членки за обезбедување оперативна поддршка на секое ниво – додаде Спинант.

Миграцијата и азилот се една од најчувствителните теми во Европската Унија. Европската Комисија пред повеќе од една година поднесе нацрт реформа на системот на азил и миграција во ЕУ, но за сега земјите членки не успеале да се усогласат и да го прифатат.

Комисијата уште еднаш повика да се усвои предлогот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.