Лидерите на земјите членки на ЕУ, собрани во замокот во Версај, усвоија заедничка агенда, за преземање конкретни мерки за справување со последиците од војната во Украина.

Во однос на енергетиката, ЕУ ќе дефинира „акционен план“ за излез од „руската енергетска зависност“ до 2027 година.

Но, овие независни избори имаат цена. Ние мериме колку нашата храна, нашата одбрана се предмет на суверенитет. Сакаме да ги избираме нашите партнери и да не зависиме од нив – нагласи домаќинот на самитот, францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој додаде дека во однос на одбраната, станува збор за „дефинирање на инвестициите што се потребни“.

До мај ќе биде претставена европската одбранбена стратегија. Европската Унија ќе ги консолидира своите одбранбени сектори. Ние, исто така, мора да го направиме нашиот дел и да имаме храброст да носиме историски одлуки. Ние излегуваме од овие дискусии со свесност дека Европејците сакаат да се движат во оваа насока. Сите се согласивме дека единствениот начин да се зачува мирот на нашиот континент е преку единство – истакна Макрон, според кого „храброста да се прифати фактот дека одбраната на европската демократија има цена“.

Покрај економските мерки, Европската Унија вети дека ќе „продолжи дипломатски да ја изолира Русија“.

Соочен со барањето за поголема вклученост на Европската Унија, формулирано од украинскиот претседател, Емануел Макрон одговори дека „разбира дека кога некој се бори како Украина, сака многу повеќе, но дека ЕУ не е во војна со Русија“.

Нашите патишта се јасни за Украина, нашата желба да ја поддржиме Украина е јасна. Тоа го демонстриравме и подготвени сме да преземеме дополнителни санкции, ништо не е забрането. Знаеме дека ако ова се влоши, ќе мора да преземеме огромни санкции, ништо не е табу, ќе ги преземеме неопходните мерки за да ја запреме Русија на нејзиниот пат на агресија против Украина – заклучи Емануел Макрон, оставајќи ја вратата отворена за ембарго на рускиот гас и нафта, без да најави никакви конкретни мерки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.