Министрите за надворешни работи на ЕУ, заедно со нивните колеги за одбрана, денеска се состануваат во Советот за да дебатираат за нови санкции против Москва, овој пат на маса е енергетскиот сектор, јави дописничката на МИА од Брисел.
До сега ЕУ усвои четири пакети санкции против Русија, но енергетскиот сектор, нафтата, јагленот и гасот, до сега беше поштеден.
Низа земји членки бараат сериозно да се разгледаат санкции во оваа област.
Литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, порача дека не смее ЕУ да си дозволи да не покаже единство пред Русија во овој момент.
-Неизбежно е да почнеме да разговараме за енергетскиот сектор, дефинитивно нафтата бидејќи е најголем приход во рускиот буџет, а е лесно заменлив, изјави шефот на литванската дипломатија.
На иста линија е и ирскиот министер за надворешни работи, чија земја не е многу зависна од руската енергија, кој изјави дека е отворен за оваа дискусија. Меѓутоа шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, и претседавач на денешниот министерски совет, не сакаше да коментира на оваа тема. Тој само кусо изјави дека ќе се разговара прашањето на денешниот состанок.
Францускиот министер, Жан Ив Ле Дриан, од своја страна, пред почетокот на состанокот се осврна исклучиво на ризикот за прехранбената индустрија на глобално ниво поради руско-украинската војна.
-Не се санкциите одговорни за овие дисфункционирања, туку војната, нема санкции во прехранбениот сектор, туку војната е причината, мораме да го земеме предвид овој нов податок, рече Ле Дриан и предупреди дека е можна “страшна криза“ на глобално ниво.
И генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, на Твитер напиша дека на светот му се заканува криза на прехранбени производи поради војната во Украина.
Украина и Русија произведуваат повеќе од половина од основните житарици во светот, војната веќе има последици врз цените и набавките, кои највеќе ги погодуваат најсиромашните земји, пред сѐ во Африка и на Блискиот Исток.
Источноевропските земји исто така се очекува да побараат дискусија за евентуална воена интервенција во Украина доколку продолжи да се влоши ситуацијата.
-Не можеме да ја избегнеме таа дебата ако Русија почне да користи оружје за масовна деструкција, рече литванскиот министер утрово.
Според него кредибилитетот на Западот е во прашање и додаде дека ќе бара од неговите колеги да учествуваат во оваа дискусија.
Нејасно е колкава поддршка ќе добијат источните земји од западните во оваа дебата, посебно со оглед на ценовните шокови со кои се соочува населението ширум Европа поради војната.
Ембарго на увозот на руска нафта што го наметнаа некои европски држави поради воената интервенција во Украина директно ќе ги засегне сите, соопшти денеска официјален Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, поред медиумите изјави дека ембаргото за нафта е „одлука што ќе ги погоди сите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.