Европската унија би можела да ги искористи приходите од замрзнатите руски средства за да и помогне на Украина во рок од неколку месеци, како дел од планот што вклучува купување оружје за Киев, изјавија денеска лидерите на ЕУ.

Лидерите на 27-те земји-членки на блокот се договорија на состанокот во Брисел да продолжат да работат на планот, кој оваа недела го презентираше Европската комисија.

Овој договор е постигнат по едногодишни преговори за руски имот вреден 190 милијарди евра, пренесува „Гардијан“.

Според планот, 90 отсто од вкупните приходи ќе бидат наменети за воени трошоци, а останатите 10 отсто за обнова на Украина по војната.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека првата милијарда евра од шемата може да се исплатат веќе на 1 јули.

Можеме да очекуваме да собереме околу три милијарди евра во 2024 година, а слична сума во наредните години – изјави Фон дер Лајен.

Патот за договорот беше отворен откако првобитната формулација беше променета поради противењето на Унгарија со парите што се користат за вооружување на Украина.

Комисијата процени дека профитот од средствата – различни хартии од вредност на руската централна банка и готовина – може да биде помеѓу 2,5 милијарди евра (2,73 милијарди долари) и 3 милијарди евра годишно.

Германија и Франција изразија силна поддршка за планот.

Овој приход пред се треба да се искористи за купување на она оружје и муниција што и се потребни на Украина за одбрана – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.

Додека пак австрискиот канцелар Карл Нојхамер, рече дека мора да се осигура овие пари да не се трошат на оружје и муниција.

Кремљ соопшти дека таквиот потег би бил кршење на меѓународното право, а Русија ќе одговори со конфискација на имотот на земјите-членки на ЕУ.

Русија ќе преземе реципрочни мерки во согласност со сопствените интереси и ќе ги искористи сите правни механизми што ѝ се на располагање доколку Европската унија (ЕУ) го користи профитот од замрзнатите руски средства за купување оружје за Украина, соопшти Кремљ на 21 март.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги даде овие коментари пред состанокот на лидерите на ЕУ на кој треба да се разговара за ова прашање.

Се разбира, ќе ги искористиме сите можни судски механизми, оние што се достапни сега и се што ќе бидат достапни во иднина“, рече Песков за новинарите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.