Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди дека истрагата на руските власти за наводното труење на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални во 2020 година не е соодветна и нареди Русија да му плати отштета од 40.000 евра. Навални, најистакнатиот руски опозициски политичар, преживеа наводен обид за труење за време на лет во Сибир во август 2020 година. Западните лаборатории објавија дека тој бил отруен со нервен агенс.

Тој се лекуваше во Германија, но доброволно се врати во Русија во 2021 година, по што веднаш беше приведен поради прекршување на условната казна. Навални ја обвини Русија дека се обидува да го убие, што властите го негираат, и покрена низа постапки против неа преку ЕСЧП. Судот со седиште во Стразбур рече дека истрагата на руските власти не е отворена за проверка и дека на жртвата не и било дозволено да биде дел од неа.

Судот посочува дека Русија не ги истражила тврдењата за можен политички мотив за обидот за атентат, како и за потенцијалната вмешаност на државни агенти. Истрагата не се однесуваше ниту на идентификување на супстанцијата како хемиско оружје.

„Како таква, истрагата не беше во можност да доведе до утврдување на релевантни факти и идентификација и, доколку е соодветно, казнување на одговорните. Затоа, таа не може да се смета за адекватна“, се вели во соопштението.

Во јуни 2022 година, рускиот парламент гласаше за укинување на јурисдикцијата на ЕКЧП на нејзина територија. Навални и неговите соработници поднеле речиси 30 случаи до таа институција. Портпаролката на ЕСЧП за Ројтерс изјави дека Русија во моментот на труењето била членка на судот и на Советот на Европа и затоа пресудата ќе се применува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.