Ердоган разговараше со новинарите во авионот на враќање од турнејата низ земјите од Западен Балкан. Тој потсети на неговите претходни разговори со поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, во кои тие ги кажаа своите намери да ги затворат термоцентралите, па дури и нуклеарните централи и да се префрлат на обновлива енергија.

Турскиот претседател посочи дека на оваа тема разговарал и со актуелниот канцелар на Германија, Олаф Шолц, „кој бил цврст во намерата да не отстапува од курсот на неговата претходничка“.

Сепак, според Ердоган, ситуацијата е поинаква по суспензијата на рускиот гас.„Европа не се чувствува толку комфорно и мирно како што се мисли дека е. Ситуацијата оди во многу поинаква насока“, рече тој.

Според него, „Русија не ги донесе овие одлуки и не ги презеде овие чекори туку така“.

„Оваа зима нема да помине така лесно за Европа, ќе биде многу проблематична зима, а од финансиска гледна точка зимата ќе има многу тешки сметки“, рече Ердоган.

Во исто време, тој увери дека Турција нема проблем со испораката на гас и Русија не воведува никакви санкции за неа. Тој посочи и дека имал разговори со руската страна за цената и дека ситуацијата за Турција, како што рече, може да стане уште подобра доколку руската страна покаже позитивен пристап кон Анкара.Исто така, Ердоган ја спомена и намерата на турската страна следната година да ги пушти во употреба сопствените наоѓалишта на гас откриени во Црното Море.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.