Европскиот парламент побара воведување на уште поостри санкции против Русија од страна на ЕУ, вклучително и целосен прекин на увозот на енергенси од таа земја, како и вклучување на Белорусија, која е сојузник на Кремљ.
Во резолуцијата усвоена денеска со 513 гласа „за“, 22 „против“ и 19 воздржани, европратениците повикаа на дополнителни санкции за Русија, вклучително и „целосно ембарго за увоз на руска нафта, јаглен, нуклеарно гориво и гас што е можно поскоро“.
Тоа треба да биде придружено со план за гарантирање на безбедноста на снабдувањето со енергија во ЕУ, како и стратегија за „запирање на санкциите доколку Русија преземе чекори за враќање на независноста, суверенитет и територијален интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и целосно да ги отстрани своите војници од територијата на Украина“.
Постојните санкции сега мора целосно и ефективно да се применат низ ЕУ и меѓународните сојузници на ЕУ како приоритет, велат европратениците. Тие ги повикуваат лидерите на ЕУ да ја исклучат Русија од Г-20 и другите мултилатерални организации, како што се УНХРЦ, Интерпол, Светската трговска организација, УНЕСКО и други, „што би било важен знак дека меѓународната заедница нема да се врати на старо со таа држава-агресор“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.