Европската унија замрзна повеќе од 17 милијарди евра руски имот како дел од пакетот санкции против Москва, изјави еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.

Досега е замрзнат имотот на 90 лица, повеќе од 17 милијарди евра во седум земји-членки, од кои 2,2 милијарди евра во Германија, изјави Белгиецот за германскиот медиумски концерн „Функе“.

ЕУ усвои осум пакети санкции од почетокот на руската агресија врз Украина пред осум месеци. Поточно, украинските политичари постојано бараа замрзнатите средства да се употребат за обнова на земјата по завршување на војната.

Ако ЕУ заплени пари од криминални активности, можно е да ги насочи кон фондот за компензација за Украина. Сепак, сумата не е ни блиску доволна за да се финансира реконструкцијата, истакна Рејндерс.

ЕУ, исто така, замрзна 300 милијарди евра од девизните резерви на Руската централна банка. Од моја гледна точка, барем е можно да се задржат овие 300 милијарди евра како гаранција, додека Русија доброволно не учествува во обновата на Украина, додаде еврокомесарот.

Тој за весникот „Хамбургер Абендблат“ нагласи дека првите судења за воени злосторства извршени во Украина би можеле да започнат оваа година пред Меѓународниот кривичен суд. „Ако обвинителите сакаат да започнат на највисоко ниво, нека го сторат тоа“, порача Рејндерс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.