Европската комисија издаде Упатство за етичките стандарди за учество на нејзините членови во кампањата за изборите за членови на Европскиот парламент, предвидени за почетокот јуни.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, од 2018 година на членовите на Комисијата им е дозволено да учествуваат во кампањите или да бидат кандидати на европските избори, без да морат да го замрзнат своето членство во ЕК, односно да земаат неплатено отсуство.

Целта на Упатството е да гарантира јасна дистинкција помеѓу активностите на еврокомесарите поврзани со нивните задачи како членови на Еврокомисијата и оние со изборната кампања.

Согласно правила во Упатството, членовите на ЕК треба да се воздржат од активности поврзани со изборите пред да ги известат претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен и нивните колеги за намерата да учествуваат во кампањата.

И покрај учеството во кампањата, еврокомесарите мора да продолжат со континуирано извршување на нивните должности во Комисијата, вклучително и учество на пленарните сесии и состаноците на комитетите на Европскиот парламент, седниците на ЕК и заседанија советите на ЕУ.

Еврокомесарите, исто така, се должни да креираат посебни профили или налози на социјалните мрежи за изнесување на ставови и активности поврзани со кампањата од оние што ги користат сега.

Дополнително, тие не смеат да ги користат човечките и материјалните ресурси на Комисијата за активности во изборната кампања и мора да обезбедат јасна дистинкција меѓу посетите или патувањата поврзани со нивните должности како еврокомесари и оние кои се во рамки на изборната кампања.

Упатството предвидува и дека секоја финансиска или материјална поддршка на еврокомесарите за изборите мора да биде насочена кон партијата или организаторите на кампањата и да биде строго одвоена од нивните личните финансиски интереси.

Доколку во текот на кампањата се појави ситуација која би можела да се сфати како конфликт на интереси, мора да се следи постапката за судир на интереси утврдена со Кодексот на однесување на членовите на ЕК, се наведува во Упатство.

Ако, пак, член на Комисијата има намера да учествува во кампања или да биде кандидат на избори на национално ниво, тогаш ќе мора да се повлече од работата во ЕК за време на целиот период на активно учество во кампањата или најмалку во текот на нејзиното законско времетраење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.