Бугарија и Романија утре се приклучуваат на Шенген зоната: во двете земји-членки сега ќе важат сите правила на Шенген, вклучително и за издавање шенген визи, а контролата на внатрешните воздушни и поморски граници ќе биде укината. Европската комисија топло го поздравува ова достигнување – тоа е продолжение на историската одлука на Советот на ЕУ во декември 2023 година. Пристапувањето на двете земји ја прави попривлечна и значително ја проширува најголемата заедничка област во светот без контроли на внатрешните граници, се вели во изјава за медиумите на Европската Комисија.
„Утре е важен ден: Бугарија и Романија се приклучуваат на шенгенското семејство. Го поздравувам укинувањето на контролите на внатрешните воздушни и поморски граници. Ова е голем успех за двете земји. Исто така, историски момент за Шенген зоната – најголемата област на слободно движење во светот. Заедно градиме посилна и пообединета Европа за сите наши граѓани“, истакна претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, пренесува БТА.
Заменик-претседателот на Комисијата Маргаритис Схинас, од своја страна, додаде дека: „Пристапувањето на Романија и Бугарија го прави Шенген посилен – овој „скапоцен камен во круната“ што е симбол на нашиот европски начин на живот и го фаворизира внатрешниот пазар, нашите економии и европски граѓани насекаде. Срдечно им честитам на двете страни за напорната работа што ја вложивте за да стигнете до тука – тоа е одамна заслужено достигнување. Ќе продолжиме да чекориме заедно на патот напред“.
Комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон потсети дека од 31 март „Бугарија и Романија целосно ќе го имплементираат правото на Шенген, што ќе ја направи ЕУ посилна и побезбедна со подобра заштита на нашите надворешни граници, ќе ги промени животите на милиони луѓе и ќе го олесни патувањето. Горда сум на работата направена од толку многу луѓе и во Романија и во Бугарија“.
Јохансон потсети дека од утре ќе биде отстранета внатрешната гранична контрола за двете балкански земји на воздушната и поморската граница. „Следниот чекор е да се отстранат проверките и на внатрешните копнени граници. Дискусијата во Советот ќе продолжи оваа година. Ветувам дека тоа ќе биде приоритет до крајот на мојот мандат“, рече Јохансон, пренесува БТА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.