Американскиот државен секретар Антони Блинкен се сретна со министрите за надворешни работи на Јордан и Египет во Аман, главниот град на Јордан.

Клучниот момент на прес-конференцијата беа повиците на Јордан и Египет за итен прекин на огнот, но Блинкен јасно стави до знаење дека САД не ги поддржуваат тие барања.

„Примирјето едноставно ќе го остави Хамас на власт, способен да се прегрупира и да го повтори она што го направи на 7 октомври“, рече американскиот висок дипломат на прашање на новинарите.

„Пред само неколку дена, висок функционер на Хамас изјави дека нивната намера е да се повтори 7-ми октомври одново. Ниту една нација, ниту еден од нас, не може да го прифати тоа“, додаде Блинкен.

Блинкен го потврди правото на Израел на самоодбрана, но нагласи дека е важно и како Израел го прави тоа, односно максимално да се грижи за цивилите. Министрите за надворешни работи на Египет и Јордан беа прашани дали имало разговори за иднината на Газа без Хамас.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.