Двајца Британци и еден Мароканец, кои се бореле за Украина и биле заробени од проруските сили во Донбас, се соочуваат со смртна казна. Веста ја пренесува руската новинска агенција РИА, која објави видео снимка од судењето во окружниот суд во Доњецк.

РИА го цитира обвинителството дека сите тројца може да се соочат со смртна казна. Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека затворениците биле користени за политички цели.

На видеото се гледа како тројцата мажи зад решетки се испрашувани од преведувач дали биле информирани за обвиненијата и дали имаат некакви приговори за почетокот на судењето. На тоа, обвинетите дале согласност за почеток на испрашувањето.

На украинската страна се борат и голем број странски борци, кои самиот украински претседател Володимир Зеленски ги повика на помош. На таквиот повик и нивното доаѓање во Украина, стигна одговор од Москва дека тие ќе бидат сметани за платеници и затоа за нив нема да важат меѓународните конвенции за постапување со воените заробеници.

Таквата најава на Русија значи дека доколку бидат заробени, во „најдобар случај“ за нив, ќе треба да се соочат со долга затворска казна. Сепак, проруските сили од Донбас, неколкупати јавно се закануваа дека заробените странци во редовите на украинската армија може да бидат погубени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.