Германската влада е свесна дека десетици Авганистанци кои работеле за германски државни институции, како и други загрозени авганистански државјани, кои требаше да бидат евакуирани од земјата по преземањето на Талибанците, починале додека ја чекале евакуацијата.

Според Министерството за одбрана во Берлин, околу 25 Авганистанци кои работеле за него се мртви. Од нив, смртта на 12 имала „природни“ причини или била последица на несреќи. Шестмина беа убиени, но не е јасно дали мотивот за убиствата е тоа што тие соработувале со Бундесверот. Причините за смртта на останатите седум не се јасни.

Германската агенција ДПА открива дека различни министерства даваат различни бројки и податоци. Стејт департментот, на пример, зборува за шест смртни случаи на Авганистанци кои работеле за него.

Речиси целата германска воена мисија го напушти Авганистан во јуни 2021 година. Талибанците ја презедоа целата земја кратко време подоцна, односно на 15 август. Нивното враќање на власт поттикна страв од одмазда против оние кои ги поддржуваа вооружените сили на земјите-членки на НАТО и другите западни институции или, пак, работеа за владата поддржана од меѓународните сили. Сепак, колку што е познато, не е идентификувана голема одмаздничка кампања против тие луѓе.

Германија учествуваше во операцијата за евакуација на луѓето кои ги поддржуваа нејзините воени и други јавни институции во летото 2021 година, но имаше многу повеќе луѓе кои се надеваа дека ќе заминат отколку што на крајот можеа да бидат превезени во тој хаотичен потфат.

Германската влада вети заштита на над 36.000 луѓе, воен персонал, соработници на нејзините сили или институции и други ранливи лица, како и членови на нивните потесни семејства.

Според информациите на магазинот „Шпигел“, повеќе од две третини од овие луѓе успеале да го напуштат Авганистан, повеќето од нив преку Пакистан.

Голем проблем за оние кои сакаат да ја напуштат земјата е тоа што е потребен пасош. Но, новиот талибански режим ретко дава документи.

Податоците за смртните случаи до кои дојде германската агенција произлегуваат од одговорите на министерствата на прашање поднесено од парламентарката на партијата Левица (Die Linke) Клара Бунгер.

Бунгер го критикуваше фактот дека загинале десетици Авганистанци на кои Германија им вети заштита.

Новата влада не можеше ниту да ги префрли на безбедни локации оние на кои земјата вети дека ќе ги пречека – истакна таа.

Комитетот на Бундестагот, германскиот долен дом, го истражува хаотичното повлекување на германската армија од земјата и случаите на луѓе кои се уште чекаат да бидат префрлени во Германија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.