Две илјади гости, меѓу кои и неколку стотици претседатели, поглавари и монарси, денеска ќе присуствуваат на државниот погреб на кралицата Елизабета Втора во Вестминстерската опатија во Лондон.

Државниот погреб на кралицата Елизабета, еден од најголемите логистички предизвици во британската историја, ќе се одржи во Вестминстерската опатија, а меѓу 2.000 гости ќе бидат и јапонскиот цар Нарухито, францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот претседател Џо Бајден.

Погребот ќе го обезбедуваат повеќе од 10.000 полицајци од цела Велика Британија, бидејќи се очекува рекорден број луѓе да ја следат погребната поворка. Велика Британија денеска речиси ќе застане. Продавниците, канцелариите, рестораните ќе бидат затворени. Збогувањето ќе може да се гледа во стотина кина и во паркови на големи монитори.

Попладне, ковчегот на кралицата Елизабета Втора ќе биде однесена во замокот Виндзор каде ќе биде погребана вечер во кругот на најтесното семејство.

Ковчегот на кралицата, кој моментално е изложен во лондонската палата Вестминстер, утрово ќе биде пренесен во Вестминстерската опатија каде ќе се одржи државен погреб. Поворката започнува во 11:35 часот по средноевропско време. Ковчегот ќе биде поставен на лафет кој ќе го влечат офицери на морнарицата, што е традиција од погребот на кралицата Викторија во 1901 година.

Поворката зад ковчегот ќе ја предводи кралот Чарлс Трети. и членовите на британското кралско семејство, и ќе стигне до портите на Вестминстерската опатија за 17 минути. Пред лафетот ќе одат 200 гајдаџии и тапанари на Кралското воено воздухопловство.

Иако богослужбата на свештеникот Дејвид Хојл ќе започне на пладне по средноевропско време, опатијата ќе биде отворена три часа порано за да се сместат 2.000-те гости. Покрај државници, политичари и монарси, на погребот ќе присуствуваат и 200 луѓе на кои кралицата им оддаде почест во јуни годинава, пред сè здравствени работници ангажирани во пандемијата на Ковид-19.

Проповедта ќе ја одржи надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, по што во црквата и целото Обединето Кралство ќе има двоминутно молчење. Државниот погреб ќе заврши околу 13 часот со интонирање на националната химна, последен поздрав со труба и проштална песна од кралскиот гајдаџија.

Странските државници потоа ќе присуствуваат на прием организиран од шефот на дипломатијата Џејмс Клеверли, во седиштето на Англиканската црква веднаш до опатијата. Поворката со ковчегот, пак, ќе тргне од Лондон до Хајд Парк, придружувана од ѕвоната на Биг Бен, а потоа ковчегот со погребна кола ќе биде однесен до Виндзор, на југоисток, триесетина километри од главниот град.

Од 16:00 часот по средноевропско време ќе почне нова поворка предводена од членовите на кралската коњаница, која ќе помине петкилометарска „Долга прошетка“ на пат кон замокот Виндзор. Кралското семејство ќе се приклучи на поворката кон капелата Свети Џорџ.

На верската служба ќе има 800 луѓе, меѓу кои и членови на персоналот на кралицата. Во 20 часот и 30 минути, кралицата ќе биде погребана, во кругот на најтесното семејство, во меморијалната капелата на нејзиниот татко Џорџ Пети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.