Данските здравствени власти денеска соопштија дека размислуваат од пролетва да ја прекинат програмата за вакцинација против коронавирусот и дека не гледаат причина децата да се вакцинираат со „засилувачката“ доза, ни ризичните групи со четврта доза.

Здравствените власти соопштија дека третиот бран на инфекцијата со коронавирусот слабее поради имунитетот на поголем дел од населението и додадоа дека високата стапка на вакцинација, особено со трета доза, значи дека Данска може да се справи со зголемените инфекции без сериозни симптоми.

Данската Влада минатиот месец на постарите лица и другите ризични групи им понуди четврта доза од вакцината поради брзото ширење на омикрон сојот на коронавирусот.

Меѓутоа, здравствената агенција сега заклучи дека трите дози обезбедија добра заштита на корисниците на старечките домови и на лицата постари од 85 години и одлучи дека во моментов не е потребна дополнителна доза.

Данска во ноември ја прошири својата програма за вакцинација на деца на возраст од пет до 11 години. Властите, меѓутоа, денеска изјавија дека сега планираат да ја прекинат досегашната програма за вакцинација за сите групи, вклучувајќи ги и децата на таа возраст.

Агенцијата соопшти дека размислува „подоцна, во текот на пролетта да ја заврши целата програма за вакцинација “.

Се разбира, внимателно ќе го следиме развојот на епидемијата и подготвени сме да ја промениме одлуката доколку, спротивно на очекувањата, дојде до четврти бран или нови загрижувачки соеви, наведува агенцијата.

Данските власти во текот на овој месец ги укинаа повеќето ограничувања наметнати поради пандемијата, наведувајќи дека Ковид-19 веќе не се смета за „претерано опасна болест за општеството“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.