Австриската влада уште во средината на јули донесе мега пакет мерки за помош против зголемената инфлација и трошоците за живот со вкупна вредност од шест милијарди евра.

Пет милијарди евра за домаќинствата и една милијарда евра за стопанството. Бидејќи австриската влада знае дека на Австријците им треба брза помош поради огромните и постојани поскапувања, таа го спакуваше т.н. климатски бонус за секој возрасен австриски државјанин од 500 евра, а за дете 250 евра.

Исплатата првично беше најавена за октомври, но медиумите јавуваат дека таа наводно би можела да дојде веќе во септември.

Дополнително, особено финансиски ранливите групи граѓани како невработените, пензионерите со мала пензија и социјални случаи во септември ќе добијат еднократна парична помош од 300 евра.

Секое семејство со деца, покрај редовниот детски додаток во август, добива и дополнителна еднократна парична помош од 180 евра по дете, како поддршка пред почетокот на новата учебна година, пишува Вечерњи.хр.

Зголемениот семеен бонус од 2.000 евра и зголемувањето на детскиот додаток на 550 евра ќе се исплаќаат годинава, а не следната година, како што првично беше планирано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.