Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел од Прага порача дека целта на укинувањето на визната либерализација за Русите е да се спречи тие што ја поддржуваат војната во Украина да патуваат за задоволство во Европа, јави дописничката на МИА од Брисел.
На прес-конференцијата по неформалниот министерски состанок на ЕУ за надворешни работи, шефот на ЕУ дипломатијата, Борел, најави дека е постигнат договор помеѓу 27-те земји-членки за да се суспендира целосно договорот за визно олеснување помеѓу ЕУ и Русија.
Ова значи дека ќе биде потешко да се добие виза за ЕУ, уште ќе биде можно, но значително ќе се намали бројот, објасни Борел пред новинарите.
Ова подолго време го бараат земјите во Источна Европа и Балтикот. После повеќе недели преговори со Франција и Германија кои беа против, ЕУ сепак денеска донесе одлука да се укине слободното патување во ЕУ за руските граѓани.
Борел даде повеќе причини за оваа одлука, едната е фактот што е зголемен бројот на преминување на границите на ЕУ, но и дека Унијата сака да ги спречи Русите да патуваат во Европа за задоволство и шопинг.
До сега визниот договор со Русија беше суспендиран само за одредени лица и компании обвинети дека ја финансираат или поддржуваат војната во Украина и власта на Владимир Путин.
Оваа одлука ќе значи значително намалување на нови визи доделени од земјите членки на ЕУ, ќе биде потешко и подолго да се добие и бројот на нови визи ќе биде значително намален за да се спречи визен шопинг од страна на Руси кои бараат подобри услови, рече првиот дипломат на ЕУ.
Земјите на ЕУ ќе можат сепак да доделуваат одредени визи на индивидуална база, затоа што, како што рече, ЕУ не сака да се отсече од оние Руси кои не ја поддржуваат војната како и од граѓанското општество. Одлучено е исто така да не се признаваат руските пасоши доделени во окупираните украински територии од страна на Русија.
Земјите соседи на Русија во ЕУ ќе имаат дозвола да го ограничат преминувањето на границата за Русите во согласно со Шенгенскиот граничен код, најави Борел.
Останува уште да се дискутира и за веќе доделените визи за руски граѓани во ЕУ и дали треба и на тоа поле нешто да се преземе. За оваа цел земјите членки на ЕУ ќе побараат од Европската Комисија да изготви документ кој треба да се послужи како водилка за националните власти.
Денешниот договор е политички договор бидејќи е донесен на неформален состанок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.