Според анкетите спроведени по рускaта воена акција во Украина, голем број фински граѓани го поддржуваат влезот на земјата во НАТО по долгорочната политика да не го попречува моќниот сосед со кој дели долга источна граница. И не само тоа, се чини дека финските граѓани доволно се плашат од Русија што дел од нив активно се подготвуваат за војна, пренесува „Јутарњи.хр“.
„Лос Анџелес Тајмс“ известува за воени вежби организирани од фински резервисти за фински цивили. „Reservilaisliitto“, финско здружение на резервисти, неодамна ги повика цивилите, особено машките жители, да се пријават за војна обука и евентуална војна.
Во градот Хаминлин во внатрешноста на земјата веднаш биле пополнети 400 понудени места, а на листата на чекање се пријавиле дури 500 жени, пишува „ЛА Тајмс“.
Заинтересираните Финци ќе вежбаат пукање од огнено оружје и ќе научат за сајбер безбедноста и однесувањето во првите денови од можната војна.
Не би го нарекла страв. Работата е во тоа, да бидеме подготвени – вели Соња Аирики, 39-годишен резервна армиска наредничка која ја води обуката.
Пресврт во ставот на јавноста
Финска има комплицирана историја со Русија. Многу Финци отсекогаш гледале со недоверба кон својот источен сосед. Сепак, бројот на заинтересирани за цивилна одбрана ги изненади организаторите.
Финската влада во моментов расправа за членство во НАТО во парламентот.
На 100-годишнината од прогласувањето независност, во 2017 година, само 19% од Финците во анкетите имале позитивно мислење за влез во НАТО. Анкетите сега покажуваат поддршка од 68 отсто.
Додека скандинавските медиуми се повеќе шпекулираат дека одлуката е веќе донесена меѓу владејачката партија, не само во Финска, туку и во соседна Шведска, финските медиуми пренесуваат пораки и предупредувања од финските национални безбедносни служби за потенцијални руски опструкции кон НАТО.
Се споменува можноста за зголемување на руската шпионска активност во земјата. Кога украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна се обрати пред финскиот парламент преку видео врска, паднаа веб-страниците на финските министерства за надворешни работи и одбрана. Ова, велат во Финска, се очекувало, но немало значителна штета.
Согледувајќи ја опасноста што се заканува, шефовите на норвешката и шведската служба го посетија Хелсинки за да покажат дека ги збиваат редовите со скандинавските соседи. Но, според информациите што јавно ги доставија шведските и финските безбедносни служби во тие две земји, барем засега, не е забележан значаен обид на Русија да влијае на јавната дебата.
Досегашните обиди на Русија беа ограничени, веројатно затоа што Москва сега е фокусирана на Украина – изјави Анти Пелтари, шеф на финската служба за безбедност.
Го намалуваат увозот на енергија од Русија
Финскиот „Фингрид “, оператор за пренос на електрична енергија, најави дека ќе го намали увозот на електрична енергија од Русија во светло на можните промени на ситуацијата, особено со оглед на најавата за членство во НАТО. Максималните увозни капацитети ќе бидат ограничени од сегашните 1.300 мегавати на 900 мегавати, пишуваат финските медиуми. Раководството на „Фингрид“ ја образложи својата одлука со проценката на владините служби дека може да има обид да се влијае на критичната инфраструктура на земјата. Сличен потег неодамна направија и балтичките земји. Финска исто така ќе се стреми да ги задоволи потребите за увоз од Шведска и да го зголеми домашното производство.
Финското општество како целина треба да биде подготвено на различни начини кои Русија би можела да ги искористи за да влијае на процесот на донесување одлуки – порача Пелтари, шеф на финската безбедност, потсетувајќи на можноста за користење на мигрантите како оружје веќе видено во земјата.
Тој додава дека финските служби проценуваат оти руските сајбер и информативни операции ќе се прошират западно од Украина во наредните месеци.
Задачата на властите е да обезбедат слободна дебата без присуство на страв и надворешните играчи да не влијаат на одлуките што ги носиме за сопствената безбедност – вели Пелтари.
Тој откри и дека во земјата има ист број шпиони како и за време на Студената војна. Тој ги предупреди Финците да не станат плен на лажни информации и да ги проверуваат изворите на информации на социјалните мрежи.
Пелтари го повтори предупредувањето дека е неопходно да се подготват за можни напади врз клучната инфраструктура и дека оваа одговорност ја споделуваат јавните и приватните оператори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.