Кандидатката за претседателска номинација на Републиканската партија, Ники Хејли, изјави дека нема да се откаже од трката за номинација, додавајќи дека не е загрижена за нејзината политичка судбина.

Не одам никаде. Не се плашам гласно да зборувам тешки вистини. Не чувствувам потреба да бакнувам нечија рака. Не се плашам од одмаздата на Трамп. Не барам ништо од него. Не сум загрижена за сопствената политичка иднина, изјави Хејли на митинг во Гринвил, Јужна Каролина.

Таа ја отфрли идејата да се кандидира за потпретседател или да се кандидира во следниот изборен циклус. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп има поддршка од 77,7 отсто од републиканците, додека Хејли ја поддржуваат 16,6 отсто од гласачите на Републиканската партија.

Трамп досега има убедливи победи на внатрепартиските избори во Ајова, Њу Хемпшир, Невада и Девствените Острови, а во моментов има освоено 63 делегати, додека Хејли само 17 делегати.

Следните избори ќе се одржат на 24 февруари во Јужна Каролина, родната држава на Ники Хејли каде таа беше гувернер од 2011 до 2017 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.