Цените на нафтата на меѓународните пазари паднаа под 91 долар во пресрет на индиректните американско-ирански разговори, кои би можеле да го оживеат нуклеарниот договор и да го отворат патот за поголем извоз на иранска нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелот се намали за 1,76 долари во однос на претходното затворање, на 90,93 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 1,67 долари пониска цена, по 89,65 долари.

Пазарот внимателно ги следи преговорите меѓу Иран и САД за нуклеарниот договор, кој би можел да врати на пазарот повеќе од милион барели дневно иранска нафта или повеќе од еден процент од глобалната понуда. Нуклеарните преговори треба да продолжат денеска во Виена.

Претставниците на Вашингтон и Техеран индиректно преговараат од април минатата година, а зад нив веќе има осум рунди разговори во кои се уште не ги надминале разликите во мислењата за брзината и опсегот на укинувањето на санкциите.

Доколку се укинат санкциите кон Иран, глобалното снабдување со сурова нафта може да ја добие многу потребната поддршка – вели Наем Аслам од „Аватрејд“.

Цените денеска беа под влијание и на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека средбата со неговиот руски колега Владимир Путин помогнала да се спречи ескалација на украинската криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.