Бројот на жртвите во нападите на палестинскиот Хамас врз Израел кои почнаа во саботата надминал 1.200, речиси 3.000 луѓе се ранети, а судбината на 150 заробени и однесени во Појасот Газа се уште е нејасна.

Медиумите на хебрејски јазик објавија дека бројот на загинатите во Израел надминал 1.000, додека безбедносните сили и доброволната организација Зака, која ги носи посмртните останки по нападите, сè уште ги собираат телата на загинатите во населените области на југот на Израел.

Израелската армија утринава соопшти дека бројот на загинатите е зголемен.

Во израелските воздушни напади врз Појасот Газа и Западниот Брег загинале 830 лица, соопштија локалните власти.

Израелското Министерство за здравство претходно соопшти дека во нападот се ранети 2.901 лице, а околу 500 се уште се во болници, од кои 26 се во критична состојба.

Во текот на изминатата ноќ, израелските воздухопловни сили погодиле повеќе од 70 цели на Хамас во населбата Ал Туфах во градот Газа и воен објект на Исламскиот џихад.

Како што соопшти армијата, областа служела како „терористичко гнездо“ на Хамас и центар за извршување операции против Израел.

Набргу потоа, во јужните израелски градови во близина на Појасот Газа се огласија предупредувачки сирени за ракети.

Претходно, израелската армија ја погодила куќата на воениот портпарол на Хамас, Абу Обеид, во Појасот Газа.

Израел вети дека ќе се погрижи Хамас никогаш повеќе да не може да го повтори ненадејниот напад во саботата, за кој рече дека масакрирал стотици израелски цивили.

Израелската војска доцна синоќа изврши напади и во Сирија и Либан.

Како што пренерсуваат странските агенции, минофрлачки проектили подоцна беа истрелани од Сирија на Голанската висорамнина, а неколку преминале на израелска територија и паднале на отворено.

Немаше штети, а израелската армија одговорила со артилериски оган.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.