Канадската провинција Британска Колумбија синоќа прогласи вонредна состојба поради пожарите кои доведоа до евакуација на 15.000 луѓе, а 20.000 се во подготвеност за евакуација.

За само 24 часа, ситуацијата се разви доста брзо и само се влоши во последниот час, рече провинцискиот премиер Дејвид Еби на прес-конференција.

Тој додаде дека поради сериозноста на ситуацијата се прогласува провинциска вонредна состојба.

Канадската радиодифузна корпорација (ЦБЦ) соопшти дека пожар уништил имот во областа Келовна.

„Летовите се откажани на аеродромот Келовна бидејќи приоритет им е даден на авионите кои се борат со шумски пожари“, соопшти ЦБЦ, додавајќи дека до крајот на вчерашниот ден во провинцијата имало 366 активни пожари.

Населението во регионот е предупредено да се спакува и да биде подготвено да замине за кратко време бидејќи ситуацијата рапидно ескалира.

Во еден момент пожарникарите останале заробени од пожарот бидејќи спасувале луѓе кои не сакале да се евакуираат.

„Ако добиете наредба за евакуација, ве молиме одете“, потенцираше Еби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.