Бразилските власти одбиле барање на САД за екстрадиција на рускиот државјанин Сергеј Владимирович Черказов, кој е обвинет за влез во САД под лажен идентитет за да шпионира Американци во периодот пред војната во Украина.
Бразилскиот министер за правда и јавна безбедност изјави дека барањето за екстрадиција на САД е „неосновано“, бидејќи Врховниот суд на земјата веќе одобрил конечна екстрадиција на Черказов во Русија, каде што, според руски државни медиуми, е обвинет за трговија со дрога.
Черказов ќе биде екстрадиран во Русија откако во Бразил ќе ја одлежи затворска казна за кражба на идентитет и фалсификување, дознава „Си-ен-ен“. Неговата затворска казна од пет години и два месеци почнала од јули 2022 година.
Ако американските власти допрат до него, се претпоставува дека Черказов може да стане подобен кандидат за размена на затвореници меѓу Русија и САД. Администрацијата на Бајден бара таква прилика да дојде до поценет руски државјанин со што би се натерала Москва да ослободи двајца Американци кои се затворени во Русија, новинарот Иван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан, објавува „Си-ен-ен“.
Според Министерството за правда на САД, Черказов влегол во Америка во 2018 година под прикритие упис на магистерски студии во Вашингтон. Тој се претставувал како Виктор Мулер Фереира, откако изготвил лажни документи во Бразил, каде што се претворал дека е син на починат Бразилец. Откако се вратил во Бразил во 2022, властите таму го уапсиле за кражба на идентитет и фалсификување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.