Шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека Унијата ќе ја зголеми воената помош за Украина, откако американскиот Конгрес доцна синоќа усвои привремен закон за финансирање во кој не се споменува помош за Украина.

Борел на прес-конференција за време на неговата посета на Киев рече дека за време на „егзистенцијална закана за Европа“, ЕУ сака да ја зголеми воената помош за Украина. Тој го изјави ова по неговата прва средба со украинскиот министер за одбрана Рустемов Умеров, кој беше назначен минатиот месец.

„Да почекаме и да видиме што ќе се случи во САД, но од наша страна ќе продолжиме да ја поддржуваме и да ја зголемуваме нашата поддршка. Украинците се борат со сета своја храброст и капацитет. Ако ЕУ сака тие да бидат поуспешни, мораме да им дадеме подобро и поголемо оружје“, рече Борел, на прашањето за гласањето во Вашингтон.

Во изјавата објавена на X, Борел рече дека Унијата се подготвува за „долгорочни безбедносни обврски кон Украина“. Тој на прес-конференција рече дека се надева оти земјите-членки ќе донесат одлука за зголемување на помошта „пред крајот на годината“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.