Трета ноќ по ред Русија го гранатираше и го уништува пристаништето во Одеса, изгореа 60 илјади тони жито. Ова гранатирање предизвика не само цивилни жртви, туку и големо уништување на силосите во пристаништето. Ова е варварско однесување, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пред почетокот на денешниот состанок на европските министри за надворешни работи во Брисел.

Тој истакна дека тоа ќе создаде огромен недостиг на храна ширум светот и укажа на потребата да се обезбедат дополнителни капацитети за воздушната одбрана на Украина. Борел рече дека ќе предложи значително зголемување на европските средства наменети за воена поддршка, без да ја прецизира сумата додека не се постигне политички договор.

Ако украинските поморски патишта се затворени, треба да извезуваме повеќе жито преку нашите пристаништа, тоа значи повеќе напори од соседите на Украина, тие треба да ги отворат границите и да го олеснат трансферот на жито, рече Борел во врска со одлуката на Москва да се повлече од договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море.

Според него, на денешната средба ќе биде и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, со кого ќе се разговара за односите со Кина и потребата од нивно преиспитување. Борел изрази надеж дека неговата посета на Кина, која досега двапати беше откажана од „здравствени причини“, ќе се случи по летната пауза.

Тој додаде дека за првпат по долго време, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за очекувањата на Турција за заживување на пристапните преговори. Ќе разговараме како да ги продолжиме односите со Анкара, долго време не сме разговарале за тоа, изјави Борел. Според него, треба да се разгледа и ажурирањето на царинскиот договор со Анкара и да се разговара за прашањето за визите за турските граѓани кои патуваат во ЕУ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.