Украинските вооружени сили постигнаа значителен успех во контраофанзивата против руските сили во јужна и источна Украина, но како што изгледа засега борбите ќе траат со месеци.

Ова го изјавија денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Блинкен, кој по посетата на Киев е во посета на НАТО во Брисел, рече дека војната во Украина влегува во критичен период и го повика Западот да ја поддржи таа земја во наредните месеци и во текот на зимата.

„Првите знаци се позитивни и гледаме дека Украина прави вистински, видлив напредок. Но, за ова веројатно ќе биде потребно извесно време. Има огромен број руски војници во Украина, а за жал, трагично, страшно, претседателот Владимир Путин ќе додаде многу повеќе луѓе во ова, иако тоа ќе ја чини многу Русија“, рече Блинкен.

Столтенберг изјави дека „инвазијата што ја започна Путин во февруари влегува во критична фаза“.

„Украинските сили успеаја да ја запрат офанзивата на Москва во Донбас, да возвратат и да ја вратат територијата“, рече тој.

Сепак, тој предупреди дека сојузниците ќе бидат на тест наредните месеци поради енергетската криза и растот на цените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.