Вчерашното ослободување на Херсон од деветмесечната руска окупација е пресуден момент за Украина, пишува Би-Би-Си.

Во Киев, главниот град на таа нападната земја нема струја, но повлекувањето на Русија од Херсон и влегувањето на украинската војска во тој град предизвика големи улични прослави.

Луѓето се собраа на Мајдан, главниот плоштад во Киев, носејќи транспаренти и знамиња.

– Крајот на војната е на повидок, рече Валерија танцувајќи со група млади девојки кои носеа постер во боите на Украина и натпис „Херсон е Украина“.

На прашањето дали се плаши од одмазднички напад на руската армија, таа кратко рече: „Ќе бидеме подготвени“.

Украинскиот претседател Зеленски вчерашниот ден го опиша како „историски“, но и предупреди дека Херсон „се уште не е целосно исчистен од непријателот“.

Фотографиите од прославите во Херсон и отстранувањето на руските знамиња, кои молскавично се проширија на социјалните мрежи, само го зајакнаа уверувањето кај Украинците дека војната може да заврши само на еден начин – со победа. Еден од советниците на Зеленски рече дека „војната е далеку од завршена“, но нема сомнеж дека ослободувањето на Херсон е пресвртница – и за Украина и за Русија, пишува Би-Би-Си.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.