На вчерашниот референдум во Белорусија е одобрен новиот Устав со кој земјата се откажува од својот ненуклеарен статус, во време кога поранешната советска република стана почетна точка за руските трупи кои ја напаѓаат Украина, јавија руските новински агенции.

Според Белоруската Централна изборна комисија, околу 78 отсто од населението со право на глас учествувало во гласањето, а околу 65 отсто гласале „за“ нов Устав кој ќе го отфрли ненуклеарниот статус на земјата.

Според новиот Устав, се дозволува нуклеарно оружје на белоруска територија за првпат откако земјата се откажа од него по распадот на Советскиот Сојуз. Како што соопштува Кабинетот на Лукашенко, амандманите и дополнувањата на Уставот усвоени на референдумот ќе стапат на сила за 10 дена.

Западот претходно најави дека нема да ги признае резултатите од референдумот, кој се одржува во екот на општа пресметка со белоруската опозиција и противниците на власта на Лукашенко.

Референдумот предизвика антивоени протести во неколку градови при што се приведени најмалку 290 лица, соопштија активисти за човекови права.

Во изјава на избирачко место, Лукашенко вчера рече дека може да побара од Русија да и го врати нуклеарното оружје на Белорусија.

Ако Западот пренесе нуклеарно оружје во Полска или Литванија, до нашите граници, тогаш ќе му се обратам на Путин да го врати нуклеарното оружје што го дадов без никакви услови, рече Лукашенко.

Новиот Устав покрај укинување на ненуклеарниот статус ги дава сите овластувања на Белоруското национално собрание, кое се состои од партиски лојалисти на Лукашенко, локални советници, функционери и членови на провладини активистички организации. Уставот, исто така, на претседателот Лукашенко кој е на власт од 1994 година, му обезбедува доживотен имунитет од кривично гонење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.